Детали за трагедијата: Навивачите на ПАОК загинале поради - новата технологија!
Веста за трагичната смрт на навивачите на клубот од Солун ја потресе цела Европа. Тие го загубија животот во вторникот попладне, во близина на границата со Србија, откако со комбе директно се судриле со камион. Грчките и романските медиуми првично шпекулираа дека причина за несреќата биле неприспособена брзина, невнимание на возачот или дури евентуален срцев удар, но сега се појавија нови информации.
Како што за грчкиот портал „Protothema.gr“ изјавил докторот Димитрис Кукулас, еден од преживеаните навивачи од комбето му кажал дека возачот, по претекнувањето, не можел да се врати во својата лента поради активирањето на системот за асистенција за одржување на лентата, познат како „Lane Assistant“.
На вознемирувачката видео-снимка што се појави на социјалните мрежи јасно се гледа како црното комбе, во кое биле навивачите на ПАОК, започнува претекнување на друго возило. Воедно се забележува и обидот на возачот да се врати во десната лента, но безуспешно, иако на прв поглед е јасно дека има и време и простор за безбедно продолжување на возењето.
🚨LE CHOC DU MINIBUS DES SUPPORTERS DU PAOK A ÉTÉ D’UNE EXTRÊME VIOLENCE 🕊️🙏🏽 #PAOK pic.twitter.com/TyLIjSCbII
— ⚽️Actu Football⚽️ (@Actu_Massilia) January 27, 2026
Се гледа и како возилото ја губи контролата и повторно се враќа налево, со вклучен прво левиот, а потоа и десниот трепкач. Токму овој детал, според наводите, може да го открие вистинскиот причинител на трагичниот судир, односно активирањето на „Lane Assistant“ технологијата, автоматски систем кај поновите возила кој го одржува правецот и линијата на движење.
„Разговарав со двајца од тројцата повредени. Пациентот кој е во најдобра состојба, иако има повеќекратни скршеници на долните екстремитети, ми кажа дека нешто се случило со системот за асистенција за одржување на лентата. По претекнувањето, системот се блокирал, а со тоа и воланот. Возачот ја изгубил контролата бидејќи системот за помош при одржување на лентата бил активиран и не можел да го врати правецот на возилото“, открил докторот.