Вечерва нè чека вистинска лудница – 32 од 36 клубови можат до нокаут-фазата во ЛШ!

Вечерва од 21 часот ќе се одиграат сите 18 натпревари од последното коло на лигашката фаза во Лигата на шампионите, а дури 32 од вкупно 36 екипи сè уште имаат шанси за пласман во некоја од наредните фази, што најавува исклучително драматична завршница.

Вечерашните дуели ќе го одредат конечниот пласман, како и патниците во осминафиналето и во разигрувањето. Ќе потсетиме, осумте најдобро пласирани екипи директно ќе обезбедат пласман во осминафиналето, додека тимовите од 9. до 24. позиција ќе играат плеј-оф, во кое ќе се борат за преостанатите осум места во осминафиналето.

Деветтопласираниот и десеттопласираниот ќе играат против екипите на 23. или 24. место (точните двојки ќе бидат одредени со ждрепка), 11. и 12. ќе се соочат со 21. или 22. и така натаму.

Арсенал има совршен учинок со седум победи од исто толку натпревари. Единствени екипи кои успеаја да постигнат гол против составот на Микел Артета се Баерн и Интер, а  лондонскиот клуб во октомври убедливо го совлада Атлетико Мадрид со 4-0. Во последното коло, на „Емирати“ гостува Кајрат. Во овој натпревар на Арсенал за потврда на првото место и теоретски најлесна ждрепка во осминафиналето му е доволен и бод.

Баерн е единствената друга екипа што има шанси да заврши на врвот на табелата, а местото меѓу осумте најдобри го обезбеди минатата недела со победата од 2-0 над Унион. Хари Кејн и соиграчите мора да слават против ПСВ во Ајндховен и да се надеваат на пораз на Арсенал од Кајрат, при што вкупната гол-разлика треба да биде најмалку пет гола во корист на Баварците нешто што не изгледа реално бидејќи победа на Кајрат во Лондон би била вистинска сензација.

Потоа следи голема група клубови со по 13 бодови, од шестото до 13. место. Можеби најинтересниот натпревар од последното коло ќе се одигра на „Паркот на принцовите“, каде што Пари Сен Жермен ќе го пречека Њукасл. Со оглед на добрата гол-разлика на двете екипи, победникот најверојатно ќе обезбеди директен пласман, додека реми може да ги доведе и двата тима во опасност да испаднат од првите осум. Поразениот би останал на 13 бодови и би станал лесна мета за шест екипи кои се веднаш зад нив.