Динамо Загреб заработи милион евра за фудбалер кој на „Максимир“ дојде - без пари!

Динамо Загреб ја продолжи активната зима на трансфер-пазарот и го реализираше вториот излезен трансфер, откако по заминувањето на Леон Јакировиќ во Интер, „модрите“ се разделија и со Дејан Љубичиќ, кој кариерата ќе ја продолжи во Шалке.

Тој во Динамо пристигна летово како едно од клучните засилувања и како дел од новиот проект на клубот. Повремениот австриски репрезентативец дојде со сериозно искуство зад себе и речиси 100 настапи во Бундеслигата, каде настапуваше за Келн. Сепак, честите критики од навивачите, незадоволството од стилот на игра, како и лични причини, доведоа до брза разделба.

Со овој трансфер, Љубичиќ стана првиот фудбалер донесен од Звонимир Бобан што го напушта Динамо. Фудбалерот во Загреб пристигна без отштета, а сега потпиша договор со германскиот гигант Шалке, каде ќе настапува заедно со Един Џеко и Никола Катиќ.

„Исклучително ни е жал што животните околности, не само спортските, пресудија Дејан да се врати во Германија. Губиме одличен човек и професионалец и му благодариме за сè што му го даде на клубот. На Дејан и на Шалке им посакуваме брзо враќање во Бундеслигата“, соопштија од Динамо.

Љубичиќ за Динамо одигра 22 натпревари, постигна два гола – двата против Макаби во победата од 3:1 – и запиша три асистенции. Според информациите од Германија и Хрватска, Шалке за трансферот ќе плати меѓу 750.000 и еден милион евра, што значи дека Динамо за само неколку месеци направи значителна заработка од играч кој пристигна како слободен фудбалер.