Вардар на силен турнир во Хрватска ќе ја крева формата за завршниот атак кон титулата!
„Црвено-црните“ својот настап ќе го започнат со полуфинален дуел против словенечкиот Слован Љубљана (18 часот), додека во второто полуфинале, подоцна истата вечер, ќе се сретнат хрватските претставници Загреб и Сесвете (20.15 часот). Победниците ќе ги одмерат силите во финалниот натпревар закажан за следниот ден (20.15 часот), додека претходно ќе се одигра и меч за третото место.
За Вардар ова ќе биде важна проверка на моменталната форма и тактичките замисли против квалитетни противници од Словенија и Хрватска. Воедно, ова ќе биде и можност стручниот штаб да им даде поголема минутажа на сите ракометари пред продолжението на сезоната во Суперлигата и европските натпреварувања. Вардарци со 34 бода се лидер во домашното првенство, а ќе играат и во втората фаза од Европската лига.
Македонскиот тим во Хрватска ќе отпатува со речиси комплетен ростер, а единствено ќе отсуствува Николас Боно, кој доби слободни денови до 1 февруари поради настапот за репрезентацијата на Аргентина.