Собранието на матичниот ОФС на Сејдини не се одржа поради - немање кворум!

Вонредното изборно собрание на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Кичево, закажано за 23 јануари 2026 година, не се одржа поради немање кворум, информира Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Собирот бил закажан по покана доставена до ФФМ од страна на ОФС Кичево преку претседателот во оставка Марјан Ристевски и требал да се одржи во во „Куќа на уметноста“ во кичевското село Кнежино. Овластени претставници на ФФМ навремено присуствувале на закажаното собрание, но истото не можело да се одржи поради недоволен број делегати за кворум и одлучување. Дополнително, на настанот не се појавиле ниту организаторите на собранието – претседателот во оставка Марјан Ристевски, потпретседателот Џевдет Далипи и делегатот на ОФС Кичево, Муамед Сејдини, инаку поранешен предводник на макфудбалот.

Од ФФМ оценуваат дека отсуството на лицата кои го иницирале и го закажале вонредното изборно собрание претставува сериозен преседан и несоодветен однос кон процесите на управување во рамки на Општинскиот фудбалски сојуз Кичево. Според Федерацијата, ваквиот пристап укажува на нефункционалност и нарушена организациска структура во ОФС Кичево, што отвора прашања за неговото понатамошно функционирање согласно важечките одредби.

Фудбалската федерација на Македонија најави дека ќе постапува во рамки на своите надлежности и согласно важечките акти.