Талески три месеци по раскинот со Вардар потпиша за нов клуб - од Унгарија!
Доскорешниот лев бек на Вардар на крајот од октомври стави точка на својата втора епизода во „црвено-црниот“ дрес и повторно се реши за интернационален предизвик. Татабања е редовен учесник во европските купови, а оваа сезона настапува во ЕХФ Европскиот куп, каде што потенцијално може да се соочи со македонскиот претставник Охрид, доколку двата тима обезбедат пласман во осминафиналето.
Талески се афирмираше во Металург, од каде што направи трансфер во германскиот Рајн Некар Левен и освои титула во Бундеслигата и Купот на Германија. Потоа настапуваше за Балинген, а во 2020 година за првпат го облече дресот на Вардар. Со скопскиот клуб освои шампионски и куп-титули и се етаблираше како стандарден член на македонската репрезентација, за која има над 60 настапи и учества на Европски и Светски првенства, иако во моментов не е дел од националниот тим.
Тој во 2023 година замина во Португалија и две сезони настапуваше за Бенфика, пред летото 2025 повторно да се врати во Скопје и да му помогне на Вардар и во настапите во ЕХФ Европската лига.