МЗТ со рутинска победа ја почна втората фаза од мисијата – одбрана на титулата (ФОТО)

Кошаркарите на МЗТ Скопје со победа на гостувањето кај Маџари (87-76) ја почнаа втората фаза од првенството во кое нивна примарна цел е – одбрана на титулата.

Дебитантот во елитата беше рамноправен противник само во првата четвртина, во која пред крајот имаше водство 24-20, кое како да го налути фаворитот. Аеродромци од тој момент прават серија 18-2 со која доаѓаат до првото двоцифрено водство (38-26) и го кршат отпорот на амбициозниот домаќин. До крајот тоа беше само рутинско одработување на задачата од страна на „металците“, кои во ниту еден момент не му дозволија на ривалот да помисли дека би можел да направи изненадување.

Марин Петков одигра фантастичен натпревар и со 26 поени (5/7 за тројка), шест скока и шет асистенции беше убедливо најдобар кај МЗТ Скопје, каде што двоцифрен ефект имаа уште и Илајџа Мекејден со 13 поени и 5 скока, Душан Танасковиќ со 11 поени и 9 скока и Војдан Стојановски и Чарлс Гил, кои реализираа по 10 поени со три односно шест скока. Македонскиот репрезентативец, Амар Хот, со 15 поени и 14 скока беше најдобар кај Маџари.

Вечерва во рамки на 12. коло од Суперлигата се игра и дербито помеѓу Пелистер и Работнички (19 часот).