Скандал: Француски репрезентативец обвинет за трговија со луѓе!

Францускиот репрезентативец Лукас Ернандез и неговата сопруга се најдоа под истрага поради сериозни обвинувања за трговија со луѓе и прекршување на човечките права, поднесени од колумбиско семејство.

Според наводите во пријавата, семејството тврди дека било присилувано да работи за двојката во периодот од септември 2024 до ноември 2025 година, без законска работна рамка и без потпишани договори за вработување.

Во пријавата се наведува дека секој член на семејството работел меѓу 72 и 84 часа неделно, со исклучително долги работни денови и без регулирани работнички права. Како што се тврди, тие биле изложени на континуиран притисок и немале основни услови кои ги гарантира законот.

Колумбиското семејство, според информаците во медиумите, случајот го пријавило до Јавното обвинителство во Версај, кое треба да ја утврди основаноста на обвинувањата и евентуалната кривична одговорност.

Досега ниту Ернандез ниту неговата сопруга јавно не се огласија по повод овие наводи, додека во наредниот период се очекува официјална реакција од надлежните институции.

Во тековната сезона Ернандез забележа 17 настапи за Пари Сен Жермен во сите натпреварувања, додека дресот на француската репрезентација досега го носеше на 40 натпревари.

Фото: EPA