Македонските ракометари мора да знаат - чудата се можни, само треба да се верува во нив!

Македонската ракометна репрезентација вечерва против Романија (18 часот) ќе го одигра последниот меч од првата фаза на ЕП 2026 во кој ќе бркаат победа со што е можно поголема разлика, со цел да останат во игра за пласман во следниот круг во пресрет на вториот дуел од групата помеѓу Данска и Португалија, од кој исто така ни зависат могу работи.

Завчерашното реми против Португалците им остави простор на избраниците на селекторот Кирил Лазаров да се надеваат на влез меѓу најдобрите 12 селекции на Стариот континент, за што ќе им биде потребно – чудо. Единствен начин за такво нешто се убедливи победи на Македонија и на Данска и тоа со вкупна разлика од 19 голови. Тоа е тешко дофатлива цел, но не и неостварлива, ако се знае дека досега двапати сме ги победиле Романците со осум голови позитива, а Данците пред само една година, на ланскиот Мундијал, ја прегазија португалската чета со 13 голови разлика (40-27), а пред две години, на претходното ЕП, ја совладаа со плус 10 (37-27).

„Сакам да им порачам на моите соиграчи да веруваат. Прва цел во овој дуел ќе ни биде да победиме, а доколку ни се укаже добра шанса, ќе настојуваме да победиме и со поголема разлика. Треба да влеземе со ладни главии да се фокусираме на нашата игра, само така ќе може да дојдеме до целта“, вели капитенот, Филип Кузмановски.

Македонија влегува како голем фаворит за триумф на вечерашниот меч, што не значи дека победата сама ќе ни дојде. Жолто-црвените треба да одиграат најзрело што можат, да не брзаат бидејќи пред себе имаат 60 минути да дојдат прв до било како триумф, за да може да дојдеме до полесен пат кон СП 2027, а потоа да размислуваат тој да биде изразен со што е можно поголема разлика.