ЛШ се враќа: Интер му се заканува на Арсенал, Сити нема право на кикс во Норвешка!
Централниот дуел на вечерта се игра на „Џузепе Меаца“, каде што Интер го пречекува Арсенал. „Нероаѕурите“ сезоната ја почнаа добро, но поразите од Атлетико Мадрид и Ливерпул ја искомплицираа нивната позиција во трката за Топ-8. Без победа против Арсенал, италијанскиот тим ќе се најде под сериозен притисок, особено ако се знае дека во последното коло ги очекува гостување кај Борусија Дортмунд. Од другата страна, Арсенал настапува растоварено – „топчиите“ се лидери со максимални 18 бода и само еден примен гол.
Програмата ја отвора дебитантот Каират Алмати, кој со само еден освоен бод е закован на дното. Казахстанскиот тим уште од 16.30 часот ќе се обиде да направи изненадување против Бриж.
Во вечерниот термин, Манчестер Сити ќе има незгодно гостување кај Бодо/Глимт. „Граѓаните“ не се во најдобра форма, што се виде и по поразот од Манчестер Јунајтед во Премиер лигата, но во ЛШ моментно се наоѓаат на четвртото место. Победа во Норвешка би значела голем чекор кон осминафиналето.
Меч со висок влог носи и лондонската пресметка меѓу Тотнем и Борусија Дортмунд. Иако англискиот тим мака мачи во Премиер лигата, во Европа моментно е 11-ти на табелата. Двата тима знаат дека евентуален кикс вечерва практично ги гаси шансите за место меѓу првите осум.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ
7. КОЛО (ДЕНЕСКА)
16:30 Каират Алмати – Бриж
18:45 Бодо/Глимт – Манчестер Сити
21:00 Копенхаген – Наполи
21:00 Интер – Арсенал
21:00 Олимпијакос – Баер (Леверкузен)
21:00 Реал Мадрид – Монако
21:00 Спортинг – ПСЖ
21:00 Тотенхем – Борусија Дортмунд
21:00 Виљареал – Ајакс