Бугаринот Димитров експресно „растурен“ уште на стартот од Австралија опен!

Некогаш третиот светски рекет, Бугаринот Григор Димитров, уште во првото коло го заврши настапот на Австралијан опен, откако беше поразен од фаворизираниот Томаш Махач (4-6, 4-6, 3-6).

Чешкиот тенисер, кој моментално е 24-ти на АТП-листата, рутински ја контролираше средбата и за само еден час и 47 минути обезбеди пласман во следната рунда. Димитров имаше своја шанса на стартот од вториот сет, кога пропушти три последователни брејк-топки, што Махач веднаш го казни и ја задржа контролата над мечот. Највозбудлив беше третиот сет, во кој речиси секој гем носеше брејк можност. Клучниот момент повторно му припадна на Махач, кој прв ја искористи шансата и со сигурна реализација на брејк-топките го приведе мечот кон крај.

Во второто коло, Махач ќе се соочи со победникот од дуелот меѓу Стефанос Циципас и Шитаро Мочизуки. Пласман понатаму обезбеди и Тејлор Фриц, кој по повеќе од три часа борба го совлада Валентан Роје (7-6, 5-7, 6-1, 6-3). Американецот веќе го дозна и следниот противник – Вит Копржива, кој претходно го елиминираше Јан-Ленард Штруф.