Си ги зголемуваат гениталиите: Скијачкото скокање го тресе бизарна афера – Пенисгејт!
Наводно, станува збор за инјектирање хијалуронска киселина, со што вештачки се зголемуваат одредени телесни димензии кои се мерат при 3Д-скенирањето на опремата. Случајот веќе е наречен „Пенисгејт“ и предизвика неверување, но и сериозна загриженост во светот на скијачките скокови. Во овој спорт, секој милиметар може да биде одлучувачки. Одделата на натпреварувачите се строго регулирани, а поголема телесна мерка овозможува носење поголемо одело, кое во лет создава поголем подигнувачки ефект. Според сомнежите, одредени натпреварувачи се обиделе да искористат „дупка“ во правилникот, менувајќи ја формата на мекото ткиво за да добијат поповолни параметри при мерењето.
Слични контроверзии постоеле и во минатото, кога ски-скокачи биле осомничени дека користат влошки, силиконски додатоци или специјално модифицирани шавови на оделата за подобар лет. Меѓународна скијачка федерација веќе реагираше и започна ревизија на мерните протоколи. Во игра се нови мерки, како користење скелетни референтни точки или дополнителни рачни проверки, со цел да се елиминира секоја можност за манипулација.
„Работиме на заострување на правилата. Станува збор за комплексен проблем“, порачаа од ФИС.
Дел од спортистите остро ги отфрлија обвинувањата. Норвешката ѕвезда Халвор Егнер Гранеруд изјави дека тврдењата се апсурдни и дека сите негови медицински прегледи се извршени под строг стручен надзор. Се очекува правилата да бидат дополнително заострени пред почетокот на Олимписките игри.
ФОТО: EPA PHOTO