Мартинез им одговори на Бат и Сколс: Нека дојдат и нека ми го кажат тоа во лице!
Во подкаст емисија пред дербито, Сколс и Бат го исмеваа Аргентинецот кој е висок 175 сантиметри, а игра како централен дефанзивец. Тие алудираа на тоа што тој е 20 сантиметри понизок од Халанд.
„Халанд може да го крене Мартинез и да трча со него во раце. Знаете она кога ќе видите татко по училиште како трча со малиот по улица. Така би изгледало тоа“, рече Ники Бат.
„Би дал гол, а потоа и него би го фрлил во мрежата“, додаде Сколс.
Но, одговор на легендите од Мартинез стигна и на теренот и надвор од него.
За време на мечот Мартинез го стави Халанд во џеб, му дозволи само 14 допири со топката. Норвежанецот беше толку лош што Пеп предвреме го извади и покрај тоа што губеше.
А Аргентинецот имаше и што да им каже на Бат и Сколс.
„Искрено, може да зборуваат што сакаат. Веќе му имам кажано на Сколс, ако сака нешто да ми каже, може да дојде кај мене дома или било каде и да ми го каже тоа во лице. Го почитувам тоа што на телевизија секој може да каже што сака. Сепак, кога ги среќавам тука лице во лице, никој ништо не зборува. Не ми е грижа што зборуваат“, рече Лисандро Мартинез.