Алкалоид е пред Магдебург, Барса, Кил, а нашата Супер лига е - трета во Европа (ФОТО)

Екипите кои даваат најголем број ракометари на претстојното ЕП 2026 се најдоа во фокусот на најновата статистика објавена од специјализиран профил на Инстаграм, а на самиот врв се наоѓа - македонскиот Алкалоид.

Клубот од Скопје е апсолутен лидер според бројот на репрезентативци, со вкупно 14 ракометари кои ќе настапат на континенталниот собир, од кои дури 13 се дел од репрезентацијата на Македонија. На списокот на селекторот Кирил Лазаров се најдоа Иван Галевски, Иван Џонов, Ненад Костески, Никола Костески, Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Мартин Ивановски, Дамјан Митев, Мартин Серафимов, Мартин Велковски, Марко Стојковиќ, Никола Марковски и Михаил Аларов додека Урош Борзаш ќе настапи во дресот на селекцијата на Србија.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by datahandball (@datahandball)

Веднаш зад македонскиот претставник се наоѓа европскиот првак Магдебург, кој на Еп ќе има 13 свои играчи, додека силно меѓународно присуство имаат и Фуксе Берлин, Барселона, Кил и Сегед, кои ќе имаат ракометари во осум од вкупно 24 репрезентации што ќе настапат на ЕП 2026.

Дека македонската Супер лига не е за фрлања, односно дека е една од најквалитетните во Европа потврда е фактот што е трета на Стариот континент според бројот на ракометари кои ќе настапат на овој собир. Македонската клупска елита е само зад Бундеслигата, која е единствената лига на турнирот на која сите клубови имаат барем по еден претставник на ЕП, и зад шампионатот на Франција.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by datahandball (@datahandball)