Арбелоа го одржа првиот прес: Разговарав со Алонсо, тоа останува меѓу нас двајца!
Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, во изминатиот период успешно работеше во младинскиот тим, а сега ја доби довербата да застане на кормилото на првиот тим.
Денеска и официјално беше претставен пред јавноста, ја имаше првата прес-конференција на која зборуваше и за Чаби Алонсо со кој играше заедно во Реал Мадрид. Тој го истакна нивниот одличен меѓусебен однос.
„Ова е посебен ден, како и сите во Реал Мадрид. Во овој клуб сум дваесет години. Денес сум свесен за одговорноста и задачата која е пред мене, а ја прифаќам со голем ентузијазам. Тоа што го разговарав со Чаби ќе остане меѓу нас. Пријателството е пред сè. Вчера бев известен дека ќе го преземам првиот тим и веднаш разговарав со него, тоа е взаемната почит која ќе остане засекогаш. Алонсо знае дека ова секогаш ќе биде негов дом и дека има поддршка. Чаби е легенда на клубот, а одлуката беше донесена обострано. Му посакувам сè најдобро во кариерата. Видовме во последните неколку натпревари колку момците се бореа. Имаме тим подготвен на сè, свесен колку бара Реал Мадрид. Победите со овој грб се можни само со почитување на вредноста на клубот“, изјави Арбелоа.
Пред официјалната презентација, Арбелоа веќе го одржа и својот прв тренинг со првиот тим, означувајќи го почетокот на новото поглавје. Според најавите, тој ќе го води Реал Мадрид до крајот на сезоната, по што раководството ќе донесе одлука дали ќе му укаже долгорочна доверба или ќе бара трајно решение за клупата.