Лазаров: Нема што да изгубиме против Данска – ќе уживаме во надмудрувањето!

Македонската ракометна репрезентација со реални очекувања и без притисок ќе го започне настапот на ЕП 2026 и тоа со дуел против домаќинот Данска, селекција која, според селекторот Кирил Лазаров, е најдобра во светот во последната деценија.

Македонија, според него, нема што да загуби во петочниот натпревар во Хернинг (20.30 часот) и дека токму амбиентот и силата на противникот треба да бидат дополнителна мотивација за младата екипа.

„Го играме првиот натпревар против најдобрата екипа во светот во последните 10 години, Данска и возбудени сме што ќе играме против нив. Тие се домаќини, тоа ќе биде многу тешко за нас, но немаме што да изгубиме на овој натпревар и ќе се обидеме да уживаме во мечот“, истакна Лазаров.

Селекторот потенцираше дека натпреварот против Данска ќе биде и вредно искуство за помладите ракометари, особено поради културата и атмосферата што владее во земјата-домаќин.

„Им зборував на моите млади играчи дека ќе биде ново искуство да се игра во земја која го сака ракометот, можеби тоа е најдобриот спорт. Во други земји фудбалот е најпопуларен спорт, но тука во Данска да, фудбалот е важен, но ракометот е на прво место. Тоа е големо искуство за сите“, вели некогашниот легендарен ракометар.

Осврнувајќи се на подготовките, Лазаров изрази задоволство од прикажаното на подготвителниот турнир во Швајцарија, нагласувајќи дека тимот има простор за напредок до стартот на шампионатот.

„Задоволен сум од тимот, од играчите. Мора да знаеме дека секогаш можеме подобро, но имаме време да ги направиме некои работи за кои знаеме дека се добри и имаме уште два дена за да го започнеме Европското првенство добро подготвени“, објаснува македонската легенда.

Говорејќи за поширокиот контекст, селекторот ја потенцираше сложеноста на процесот на смена на генерации во националниот тим.

„Најважно за нас е што ја менуваме генерацијата чекор по чекор, а тоа е многу тежок процес. Подобри селекции од нас имаат проблеми со смената на генерација. Ние сме мала земја и мора да бидеме трпеливи и да одиме чекор по чекор. Во последните две години сум многу задоволен од ова“, коментира македонскиот предводник.

Лазаров потенцираше дека напредокот е видлив, но дека за вистински резултат е потребен континуитет.

„Веќе подобривме многу работи и тоа го покажавме во последните две години дека можеме да одиграме еден добар натпревар. Но за да имаме континуитет мора да покажеме во иднина не само еден натпревар, туку ако играш Европско или Светско првенство, мораш секој втор ден да бидеш добар“, анализира селекторот.

Тој, на крајот, беше објективен околу целите и тежината на групата, во која доминира токму Данска.

„Мораме да бидеме многу искрени. Секој има амбиции и секој сака да победува, но мора да знаеме дека имаме многу тешка група, играме против Данска во Хернинг. Мораме да уживаме. Мислам дека сме добро подготвени за овој турнир, многу сме возбудени и чекаме да започне првенството за да видиме каде сме во моментов со квалитет и добро искуство“, заврши Лазаров.

Македонија е во група во која уште се и Португалија и Романија, а пласман во следната фаза ќе обезбедат само двете најдобри селекции на табелата по трите одиграни кола.