Американец од Ц. Звезда доби грозни навреди од навивач па го повика на – фер тепачка (ФОТО)

Кошаркарот на Црвена Звезда, Коди Милер-Мекинтајер, стана цел на грозно навредливи пораки на Инстаграм по победата над Босна (97-92), по што реши јавно да го разоткрие авторот и да испрати силна порака против говорот на омраза.

Плејмејкерот на „црвено-белите“ сподели порака која ја згрозни јавноста, а во која имаше расистички навреди и морбидни желби упатени кон него и неговото семејство. Наместо да одмолчи, Милер-Мекинтајер реагираше преку серија објави, нагласувајќи дека ваквото однесување нема никаква врска со спортот и дека нема да биде толерирано.

Американецот истакна дека ваквите зборови особено го погодиле бидејќи член од неговото семејство навистина починал од рак, додавајќи дека нема да дозволи луѓето кои се кријат зад социјалните мрежи неговата смиреност да ја толкуваат како слабост. Тој порача дека вакви пораки не се изолиран случај и дека со слични напади се соочуваат и други спортисти низ Европа и истовремено му порача на навредувачот дека може да му ја даде својата адреса за да дојде истото да му го каже в лице.

Реакцијата на кошаркарот на Црвена Звезда наиде на широка поддршка од навивачите и спортската јавност, кои јавно го осудија говорот на омраза и застанаа зад играчот.