Алонсо со изјавата по поразот од Барса ги налути фановите - бараат да биде отпуштен!

Екипата на Реал Мадрид не ја прекина серијата порази во финалињата против Барселона, која синоќа по третпат по ред славеше во финалето на шпанскиот Суперкуп, откако го одбрани трофејот со победа од 3-2, во која херој беше Рафиња со два погодоци.

Еден гол за Барселона додаде Роберт Левандовски, додека стрелци за Реал беа Винисиус Жуниор и Гонзало Гарсија. По натпреварот, изјавата на тренерот на Реал, Чаби Алонсо, предизвика реакции кај дел од навивачите, откако тој истакна дека поразот не му паднал тешко бидејќи Суперкупот го смета за најмалку важниот трофеј во сезоната. Голем дел од навивачката јавност поради тоа побара промена на тренерот и му се обрати на претседателот Флорентино Перез со барање за отказ.

И покрај притисокот, управата на клубот застана зад Алонсо. Според информациите на новинарот Хосе Феликс Дијас, Перез одржал итен состанок со најблиските соработници, на кој главна тема бил статусот на тренерот. Одлуката била јасна – Алонсо останува на клупата на Реал Мадрид. Во клубот сметаат дека екипата во последниот период покажува напредок под водство на Алонсо и дека поразот во финалето од Барселона нема да ја смени таа проценка.

Перез и понатаму има доверба во тренерот, кој се очекува да го води тимот најмалку до крајот на сезоната, со образложение дека промена на стратегот во текот на натпреварувачката година не би била рационален потег, особено во услови на ограничен избор на пазарот.

ФОТО: EPA PHOTO