„Не гледам како Ѓоковиќ би можел да ги победи Алкараз и Синер!“

Поранешниот австралиски тенисер, Пет Кеш, смета дека Новак Ѓоковиќ има исклучително тешка мисија на претстојниот Австралијан опен, особено ако на патот до титулата мора да се соочи со Карлос Алкарас и Јаник Синер во краток временски период.

Според него, проблемот за Србинот би бил распоредот и интензитетот на мечевите.

„Реалноста е дека ќе му треба Алкарас и Синер да ‘отпаднат’. Не гледам како може да ги победи двајцата по ред, во мечеви на три добиени сета. Тоа е неговиот најголем проблем“, изјави поранешниот шампион на Вимблдон.

Кеш додава дека српскиот ас најверојатно повторно може да стигне до полуфиналето, но токму таму би се соочил со најтешката пречка.

„Може да дојде далеку, но тогаш веројатно ќе се појави веќе познатиот проблем“, потенцира Австралиецот.

И покрај скепсата околу шансите за титула, Кеш му оддаде признание на 38-годишниот Ѓоковиќ.

„Новак и понатаму може да игра навистина феноменално. Секогаш наоѓа решенија за проблемите. Ќе биде многу интересно да се види како ќе помине на Австралијан опен“, заклучи тој.

Првиот гренслем-турнир во сезоната се игра од 18 јануари до 1 февруари.