Тенисерот кој некогаш беше трет во светот објави крај на кариерата

Поранешниот трет тенисер во светот, Милош Раониќ, во понеделникот објави дека се повлекува од професионалниот тенис, ставајќи крај на кариерата во која освои осум АТП-титули.

Триесет и петгодишниот тенисер стана првиот Канаѓанец кој стигна до финале во сингл на Грен слем турнир, но веќе подолго време беше надвор од терените и последниот меч го одигра пред повеќе од една година.  

Сега преку социјалните мрежи потврди дека целосно се повлекува.

„Ова е момент за кој знаете дека еден ден ќе дојде, но некако никогаш не сте подготвени за него. Мислам дека сега сум поподготвен отколку што некогаш ќе бидам. Бев најсреќната личност затоа што можев да живеам и да ги остварам своите соништа“, порача Раониќ.

Неговата најдобра сезона беше 2016 година, кога стигна до финалето на Вимблдон, откако во полуфиналето го совлада Роџер Федерер, а во битката за тррофејот беше поразен од Енди Мареј.

Истата година Раониќ избори пласман и во полуфиналето на Австралија опен и на АТП-финалето, завршувајќи ја сезоната како трет тенисер во светот. Последен пат настапи на Олимписките игри во Париз во 2024 година.

Фото: EPA