Вакво нешто ретко се случува, Симеоне им се извини на Винисиус и Перез

Диего Симеоне денеска јавно им се извини на Винисиус Жуниор и на Флорентино Перез поради своето однесување за време на полуфиналниот натпревар од шпанскиот Суперкуп.

Ќе потсетиме, најпрво во првото полувреме Симеоне, изнервиран од симулирањето на прекршок од страна на Винисиус, дојде до аут-линијата и, според интерпретацијата на коментаторите на „Мовистар“, извикал: „Флорентино ќе те избрка, запамети што ти кажувам!“.

Подоцна, во 81. минута, при излегувањето на напаѓачот на Реал Мадрид од игра, дојде до уште еден вербален конфликт меѓу Бразилецот и аргентинскиот тренер. Винисиус му дофрлил нешто на Симеоне, а стратегот на „јорганџиите“ му возвратил покажувајќи кон трибините и порачувајќи му да ги слуша свирежите што му ги упатуваат навивачите на Реал.

„Сакам да им се извинам на господинот Флорентино и на господинот Винисиус за она што се случи. Очигледно не е исправно од моја страна да се доведам во таква ситуација и прифаќам дека не бев во право“, изјави аргентинскиот стратег на прес-конференцијата по денешниот утрински тренинг на својот тим.

Атлетико како што е познато го загуби полуфиналето од градскиот ривал кој пак во вчерашното финале не успеа да дојде до трофејот и беше поразен од Барселона.