„Ѓаволите“ сезонава ќе одиграат најмалку натпревари во последните 111 години

Откако Манчестер Јунајтед беше елиминиран од последниот турнир на кој се надеваше дека ќе освои трофеј, тимот ќе има обврски само во Премиер лигата до крајот на сезоната. Ова значи дека за целата тековна кампања, „црвените ѓаволи“ ќе одиграат вкупно 40 натпревари - најмал број за тимот во една сезона од 1914/15.

За прв пат од 1981/82, Јунајтед беше елиминиран во првото коло од двата домашни турнири - Лига купот и ФА купот.

Според „Би-Би-Си“, се поверојатно е дека Манчестер Јунајтед ќе организира турнеја во Саудиска Арабија во февруари или март, бидејќи тимот ќе биде слободен во викендите кога ќе се играат натпреварите од четвртото и петтото коло од ФА купот. Со тоа ќе се пополни бројот  на одиграни дуели сезонава, а и ќе се надополнат финансиските загуби кои ќе ги предизвика неиграњетона други фронтови.

Јунајтед има една победа во последните седум натпревари, а му претстојат пресметки со Манчестер Сити и Арсенал. Доколку изгубат, „црвените ѓаволи“ би можеле да се најдат во втората половина од табелата до 1 февруари, кога ќе бидат домаќини на Фулам.