Руни на работ на солзи по сензацијата на векот која ја приреди неговиот брат (ВИДЕО)

Легендарниот англиски фудбалер Вејн Руни не ги криеше емоциите откако неговиот помлад брат Џон Руни испиша историја во ФА Купот.

Шестолигашот Маклсфилд приреди вистинска сензација, елиминирајќи го актуелниот освојувач Кристал палас со резултат 2-1. Вејн Руни натпреварот го следеше покрај теренот како дел од стручниот студио на „Би-Би-Си“ а по последниот судиски свиреж, додека навивачите втрчуваа на теренот, едвај ги задржа солзите.

„Неверојатно е да се види мојот помлад брат како постигнува ваков успех. Не е долго тренер, а веќе направи нешто посебно. Многу сум горд на него. „На крајот изгледаше толку смирено. Знам дека сакаше судијата да свирне крај, но само се сврте кон клупата и тивко прослави. Не знам како остана толку мирен, но ова е огромно достигнување. Апсолутно врвно.“, изјави Руни

За медиуми потоа зборуваше и братот на Руни.

„Не можам да поверувам. Никогаш не мислевме дека ќе бидеме во ваква ситуација. Бевме фантастични од првата минута и мислам дека заслужено победивме. Не можам да бидам погорд на момците – дадоа сè од себе, а нивната радост зборува сама за себе. Како што одминуваше мечот, размислувавме само како да го забавиме темпото. Никогаш не мислев дека ќе се најдеме во таква ситуација. Сè уште не можам да сфатам што направивме. Речиси целосно ги неутрализиравме во првото полувреме. Бевме неверојатни, сите до еден““, изјави Џон Руни.

Последен пат кога аматерски клуб го елиминирал актуелниот освојувач на ФА Купот беше во далечната 1909 година, кога токму Кристал палас го исфрлил Вулверхемптон. Така, по цели 117 години се случи сличен подвиг, кој во модерниот фудбал е навистина реткост.