Тага на „Метрополитано“: Почина најлегендарниот капитен на Атлетико Мадрид!

Екипата на Атлетико Мадрид денеска се прости од една од своите најголеми легенди, откако на 91-годишна возраст почина Енрике Колијар, симбол на златната ера на „јорганџиите“ и човек кој засекогаш останува запишан во историјата на клубот.

Клубот од „Метрополитано“ со официјално соопштение ја потврди тажната вест, истакнувајќи дека со неговото заминување, Атлетико изгубил икона која со децении го претставувала клубот на највисоко ниво во шпанскиот и европскиот фудбал. Легендарниот лев крилен напаѓач настапуваше за мадридскиот тим од 1953 до 1969 година, период во кој одигра 470 натпревари и постигна 105 погодоци. Со тоа се наоѓа на петтото место на вечната листа по број на настапи, рамо до рамо со Антоан Гризман.

Во својата богата кариера во црвено-белиот дрес, Колијар освои една титула шампион на Шпанија, три Купа на кралот и Куп на победниците на купови. Посебен белег остави како капитен, носејќи ја лентата цели десет години (1960–1969), што е рекорд кој и денес стои во клупските анали. Тој остави трага и во дресот на шпанската репрезентација, за која одигра 16 натпревари, настапи на Мундијалот во Чиле во 1962 година и беше дел од генерацијата што ја освои европската титула во 1964 година.

По завршувањето на играчката кариера, Атлетико му приреди големо збогување на стадионот „Висенте Калдерон“, а Колијар остана поврзан со клубот и во следните децении, извршувајќи ја и функцијата претседател на Фондацијата Атлетико Мадрид.