Седлоски го избра стручниот штаб – во него е и стрелецот на првиот гол за Македонија!

Гоце Седлоски денеска и официјално го претстави стручниот штаб со кој ќе ја предводи македонската репрезентација во својот мандат, кој почнува со полуфиналето од баражот за СП 2026, закажан за во март на теренот на противникот.

Во тимот на селекторот влегуваат неколку добро познати и докажани имиња од домашниот фудбал. Асистентски улоги ќе имаат Борче Христов, актуелен шеф на стручниот штаб на ФК Тиквеш и директор на Центарот за едукација, како и Ерхан Селими, кој досега успешно ја водеше репрезентацијата на Македонија до 19 години. Асистент ќе биде и Зоран Бошковски – Чоко, легендарен напаѓач и стрелец на првиот гол во историјата на македонската сениорска селекција.

Дел од новиот штаб е и поранешниот репрезентативец Ванче Шиков, кој зад себе има 58 настапи во дресот на Македонија, додека за тренер на голмани е назначен Гого Јовчев. За видео-аналитика ќе биде задолжен Мартин Христов, а името на кондицискиот тренер, кој дополнително ќе се приклучи на тимот, ќе биде соопштено во наредниот период.