Ужасно: Боксерот Џошуа повреден во сообраќајка во која загинале две лица!
Несреќата се случила утринава, на прометна делница од автопатот Лагос-Ибадан. Според првичните информации, Џошуа се здобил со полесни повреди, додека на местото на настанот загинале две лица. Снимки што се појавија на социјалните мрежи го прикажуваат Џошуа без маица, видно дезориентиран и во болка, веднаш по несреќата, а на други видеа се гледаат две тела на коловозот.

Очевидец изјавил дека станувало збор за судир меѓу две возила – „Лексус“ и „Пајеро“. Џошуа наводно седел на задното седиште во „Лексусот“, зад возачот, со уште еден сопатник до него, додека уште едно лице било на совозачкото место. Безбедносниот тим на боксерот се движел во возилото зад нив. По судирот, очевидците започнале со укажување помош и запирање на други возила, а кратко потоа пристигнале екипи на Сојузната служба за безбедност во сообраќајот.
Само неколку часа пред инцидентот, Џошуа објавил видео на Инстаграм на кое игра пинг-понг. Тој пред само неколку дена со нокаут го победи јутјуберот Џејк Пол, а во професионалната кариера има 29 победи и 4 порази.