Маџари првпат во историјата ќе игра на завршниот турнир од Купот
Денеска тимот од Гази Баба го победи Гостивар со 82-59 и покажа дека досегашните резултати не се случајност. Со тоа, првпат во историјата на клубот, Маџари обезбеди пласман на Ф8 од Купот каде ќе се бори за трофејот во ова натпреварување.
Прашањето околу победникот на денешниот натпревар беше решено уште во првото полувреме кое Маџари го доби со 45-23. Гостивар одигра одлична трета четвртина во која се доближи и на осум поени негатива, но во последните десет минути домаќините направија серија од 14-0 со која ги уништија сите надежи на противникот дека може да дојде до пресврт.
Грин со 15 поени, осум скока и седум асистенции беше најдобар играч на маџари, а се истакна и Хот со 14 поени и 10 скока. Младеновиќ и Димитриевски со по 15 поени го предводеа Гостивар. Во четвртфиналето од Купот на Македонија, Маџари ќе игра со Кожув кого во првиот дел од сезоната во првенството го совлада како гостин во Гевгелија.