Албанците полудеа - синот на нивниот селектор се сликал во дрес на Србија (ФОТО)

Албанската фудбалска репрезентација ја очекуваат клучни предизвици во баражот за пласман на СП 2026, но атмосферата во националниот тим во пресрет на тие важни натпревари е нарушена од неочекуван детал – дрес на српската репрезентација во домот на селекторот.

Станува збор за поранешниот бразилски фудбалер Силвињо, кој се најде на удар на јавноста откако на социјалните мрежи се појави фотографија на која неговиот син носи дрес на репрезентацијата на Србија. Фотографијата беше објавена на Инстаграм профилот на ќерката на селекторот, а на неа семејството е собрано околу маса, додека во преден план се забележува синот – облечен во син дрес со бројот 7.

Според дел од албанските медиуми и навивачи, станува збор за дресот што Александар Станковиќ го носел на квалификацискиот натпревар меѓу Србија и Албанија во Лесковац, на кој гостите славеа со минимални 1-0 и ја обезбедија клучната предност во борбата за пласман. Се претпоставува дека дресот бил подарен на некој од албанската делегација, а подоцна завршил кај синот на селекторот.

По лавината реакции поради огромниот албанско-српски анимозитет, ќерката на Силвињо се обиде да ја смири ситуацијата, тврдејќи дека станува збор за недоразбирање. Таа преку порака на социјалните мрежи објасни дека нејзиниот брат студира во Милано и дека дресот го добил како подарок од пријател, без да знае дека станува збор за дрес на српската репрезентација. Истакна дека не следи фудбал, се извини и ја избриша објавата.

Сепак, ова објаснување дополнително ги разгневи навивачите, бидејќи на дресот се забележуваат детали кои укажуваат дека е подготвен за официјален натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026 година – вклучувајќи ознаки на ракавот и ситен текст под грбот на Србија. Поради квалитетот на фотографијата, не може со сигурност да се утврди дали станува збор токму за дресот од мечот со Албанија или од друг квалификациски натпревар.