Надал: Ми беше многу потешко да го победам Ѓоковиќ отколку Федерер!

Шпанската тениска легенда, Рафаел Надал, откри дека дуелите со Новак Ѓоковиќ биле значително потешки од оние со Роџер Федерер, особено на брзите подлоги, нагласувајќи дека против Србинот морал да биде на врвно физичко ниво за воопшто да има шанси.

Тој во интервју за „АС“ направи јасна разлика меѓу двата најголеми ривали од својата трофејна кариера. Против Роџер Федерер, со кого одигра 40 меѓусебни меча и победи 24 пати, тактиката му била појасна и попредвидлива.

„Против Федерер сè беше јасно – го притискав бекендот со високи топки, а потоа ненадејно ја менував страната на форхенд. Тоа беше ментално напорно, но знаев дека го заморува“, објасни Надал, признавајќи дека иако не уживал во таквиот стил, тој бил најефикасен.

Сосема поинаква приказна биле дуелите со Ѓоковиќ, против кого Надал се соочи дури 60 пати, со негативен скор од 29 победи и 31 пораз.

„Против Новак беше многу потешко. На бавните подлоги менував пристап, но на бетон, особено во последните години кога физички не бев на максимум, шансите ми беа мали. Морав да ги скратувам поените, а да добиеш поен во два-три удари против него е речиси невозможно. Не функционираа ни поагресивните сервиси“, истакна Надал.

„Кралот на земјата“ додаде дека имал повеќе решенија против Ѓоковиќ на својата омилена подлога и на трева, но како особено болен го издвои поразот во полуфиналето на Вимблдон во 2018 година.

„Чувствував дека имам поголеми шанси на земја и трева отколку на бетон, особено во завршницата од кариерата“, подвлече Надал.

За потсетување, Шпанецот нема победа против Ѓоковиќ на бетонска подлога уште од 2013 година, додека на трева последен пат го совлада во финалето на Вимблдон во 2008 година.

ФОТО: EPA PHOTO