Се има, се може: Роналдо и Џорџина си подарија две ултралуксузни вили за Божиќ (ФОТО)
Фудбалерот на Ал-Наср и познатата манекенка инвестирале во ексклузивни недвижности на приватен остров, со што дополнително ги зацврстуваат своите врски со земјата во која живеат веќе три години. Двојката, која веќе ги одбројува месеците до свадбата, станала сопственик на две луксузни вили во рамки на комплекс што е дел од престижниот синџир Риц-Карлтон. Станува збор за еден од најелитните и најизолирани туристички проекти во светот, насочен кон регенеративен и одржлив туризам.

Роналдо не ја криеше својата воодушевеност од локацијата, истакнувајќи дека Црвеното Море е „навистина исклучително место“. Според него, уште при првата посета почувствувале посебна поврзаност со островот и неговата природна убавина.
„Ова е место каде што се чувствуваме мирно. Сега, кога имаме дом тука, можеме да поминуваме квалитетно време со семејството, во целосна приватност и спокој“, изјавил Роналдо.
Комплексот се состои од 19 приватни вили, изградени на бел песок, на околу 26 километри од копното, опкружени со кристално чисто море и недопрена природа. Пристапот до островот е можен исклучиво со чартер-брод или хидроавион. Едната вила располага со три спални соби, а другата со две, а и двете имаат приватни базени, панорамски поглед, директен пристап до морето и телескопи на терасите за набљудување на ѕвезденото небо – еден од заштитните знаци на регионот.

Имотите се наоѓаат на приватниот остров Умахат, еден од најзаштитените и најоддалечените острови во светот, опкружен со корални гребени. Областа е вистински рај за љубителите на нуркање и шнорхелинг, каде можат да се сретнат делфини, морски желки, раи и рибата „Наполеон“.