Вујовиќ бара промена на правилата – со еден шут да може да се постигнат два гола!
Според него, современиот ракомет има потреба од храбар исчекор што ќе донесе повеќе неизвесност и драма, особено во завршниците на натпреварите. Вујовиќ предлага воведување нова линија на 9,25 метри, од која погодокот би вредел два гола наместо еден – по урнек на тројката во кошарката. Идејата, како што објаснува, има за цел да ги направи финишите поатрактивни, потактички и понепредвидливи. Според неговата анализа, ракометните натпревари пречесто влегуваат во шаблон во последните минути, каде што екипата што води рутински го „затвора“ мечот, додека тимот во негатива нема реален механизам за камбек. Новата линија, смета Вујовиќ, би ја сменила токму таа слика.
„Барав да се воведе линија на 9,25 метри од која важат два гола. Ако губиш со четири разлика на минута и пол до крај – не е готово. Крило трча контра, нема да шутира од шест, туку од десет метри за два гола. Нешто мора да се случи“, објаснува Вујовиќ.
Искусниот стручњак додава дека на ракометот му недостасува елементот на непредвидливост во клучните моменти, кога тренерите би имале поголем простор тактички да влијаат врз исходот. Во тој контекст, тој се осврна и на системот на тајм-аути, повлекувајќи паралела со НБА лигата.
„Таму ти даваат три тајм-аути. Зошто кај нас да не можам во последните два напада да ја подготвам екипата за конкретна акција, како што прават во НБА“, се запраша поранешниот селектор и тренер на бројни европски клубови.
Идејата за таканаречената „ракометна двојка“ сигурно би отворила бројни дебати – од фер-плејот и тактичките импликации, до промената на профилот на играчи кои би станале клучни во завршниците. Но, кога ваков предлог доаѓа од човек со авторитет и искуство како Вујовиќ, јасно е дека ќе биде слушнат со посебно внимание во ракометниот свет.