Кочов се враќа во македонската кошарка како помошник на новиот шпански селектор!

Поранешниот тренер на Вардар и МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, ѝ се враќа на македонската кошарка како асистент-селектор на сениорската репрезентација, откако челниците на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска потврди дека постигнала договор за негово вклучување во стручниот штаб на Хозе Марија Берокал.

Неговиот ангажман претставува дел од континуираните активности на Куќата на кошарката насочени кон подигнување на професионалните стандарди во најдобрата национална селекција, со јасна цел – создавање стабилна и конкурентна репрезентација. Кочов важи за еден од најперспективните македонски тренери од помладата генерација, со богато искуство во младинските и сениорските категории, како и значајно меѓународно тренерско присуство. По завршувањето на играчката кариера, тренерската ја започна во 2014 година, а првите значајни резултати ги оствари во младинските селекции на Вардар, каде уште во првата сезона освои три шампионски титули.

Во својата кариера беше дел од стручните штабови на младинските репрезентации на Македонија, ја извршуваше функцијата селектор на јуниорската репрезентација, а работеше и во МЗТ Скопје , со кој ја освои шампионската титула и настапи во финалето на АБА 2 лигата. Последните неколку години, Кочов е дел од стручниот штаб на германскиот бундеслигаш Кемниц 99, клуб со кој ги оствари најголемите успеси во својата историја, вклучително и освојување на трофејот во ФИБА Еврокупот во 2024 година.