Седлоски до јуни останува во Вардар, до тогаш без пари ќе ја предводи Македонија!
„Договорот е формална соработка, во фудбалот тие не значат многу ако нема резултати. ФФМ максимално застанува зад Гоце Седлоски“, изјави Омерагиќ на промоцијата на новиот селектор.
Тој појасни дека договорот со Седлоски ќе биде склучен на период од две години, со можност за продолжување на уште две, но посочи и на специфичниот календар во наредниот период.
„До јуни имаме само седум дена прозор за репрезентацијата и поради тоа Гоце Седлоски ќе работи про-боно (без пари-н.з) во националниот тим до крајот на јуни“, додаде Омерагиќ.
Тој нагласи дека Федерацијата нема намера да му наштети на ниту еден клуб и дека ќе се почитуваат постојните ангажмани на селекторот.
„Ние не сакаме да наштетиме на било кој клуб. Така беше и со Станиќ во младата репрезентација, така ќе биде и со Седлоски. Тој ќе продолжи да работи и во Вардар“, потенцира претседателот на ФФМ.
Омерагиќ изрази силна увереност дека изборот на Седлоски е вистинскиот потег за македонската репрезентација, но подвлече дека конечниот суд ќе го даде времето.
„Убедени сме дека Гоце Седлоски е најдоброто решение, а времето ќе покаже дали тоа е така“, заврши Омерагиќ.