Седлоски: Ќе градам тим со карактер и дисциплина – само така ќе можеме со Данска!
„Сакам да се заблагодарам на Фудбалска федерација на Македонија за укажаната доверба. Свесен сум за очекувањата, но и за потенцијалот што го има оваа репрезентација. Нашата цел е да изградиме селекција со карактер, која ќе го дава максимумот на секој натпревар, до последната минута“, истакна Седлоски.
Новиот селектор нагласи дека целосно им верува на фудбалерите и на нивната желба да го носат националниот дрес, додавајќи дека очекува федерацијата да обезбеди максимални услови за работа, со заедничка цел – напредок на националниот тим. Тој во пресрет на бараж-дуелот за пласман СП 2026 против Данска (март) порача дека ќе бара врвен ангажман и дисциплина од секој поединец.
„Од секој играч ќе барам да даде над својот просек. Само со максимална и организирана игра можеме да дојдеме до зацртаната цел“, изјави тој.
Седлоски најави и освежување во составот, потенцирајќи дека вратите на репрезентацијата ќе бидат отворени за сите што играат добро во своите клубови. Притоа, најави дека ќе инсистира на тоа на секој собир да има најмалку четири до пет играчи од македонското првенство. Во неговиот стручен штаб ќе бидат Борче Христов, Ерхад Алими и Гого Јовчев, а селекторот размислува и за ангажман на уште двајца тренери – кондициски и еден врвен тренер со меѓународно искуство.
На крајот, Седлоски потврди дека ќе оствари разговори со Аријан Адеми, Стефан Ристовски и со Бобан Николов, по што ќе биде донесена конечна одлука за нивниот евентуален камбек во националниот тим.