КФМ ја загуби битката со студот и со незатоплените сали и – го одложи првенството!
Одлуката, според Куќата на кошарката, била донесена по извршени теренски проверки, доставени информации од клубовите и детална анализа на реалните услови за одигрување на натпревари во зимскиот период. Како што соопштува КФМ, најголем проблем претставува неможноста на поголем дел од клубовите да обезбедат соодветно загревање на спортските сали, односно да се достигне минималната препорачана температура од 12 степени Целзиусови, неопходна за безбедно и регуларно одигрување на кошаркарските средби.
Со ова, македонската кошарка уште еднаш ја загуби битката со студот и долгогодишниот инфраструктурен проблем со незатоплените сали. Парадоксално, Македонија е една од ретките земји во светот каде што официјално се дозволува одигрување на натпревари на температура од само 12 степени, што претставува најнизок праг за натпреварување на глобално ниво. За споредба, европските стандарди предвидуваат минимум 16 степени за одигрување на обични натпревари, додека за средби од повисоко и елитно ниво минималната температура изнесува 18 степени. Во македонската реалност, наместо усогласување со тие стандарди, условите се сведени на апсолутен минимум, што директно го загрозува здравјето на учесниците.
Од КФМ потенцираат дека одлуката е донесена во согласност со меѓународните препораки и добрите практики, во духот на насоките на ФИБА, кои јасно укажуваат дека условите во салите мора да обезбедуваат заштита на здравјето и физичката безбедност на играчите, судиите, службените лица и сите останати учесници. Посебно се нагласуваат медицинските ризици поврзани со играње во недоволно загреани простории, како што се зголемен ризик од повреди на мускули и зглобови, респираторни проблеми и значително намалени натпреварувачки перформанси.