Пандев: Седлоски е човек со карактер и визија - го направивме вистинскиот избор!

Директорот на националните селекции во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Горан Пандев, на денешната промоција изрази силна поддршка за именувањето на Гоце Седлоски за нов селектор на македонската А репрезентација.

Тој истакна дека станува збор за човек со карактер и визија, кој може да донесе напредок.

„Најпрво сакам да му честитам на Гоце Седлоски за довербата и изборот. Воедно, благодарност до Благоја Милевски за сè што направи за Македонија и за македонскиот фудбал“, изјави Пандев на промоцијата.

Според еден од најдобрите фудбалери во нашата историја, изборот на Седлоски е резултат на длабоко познавање и меѓусебна доверба, изградени уште од играчките денови.

„Седлоски го знам многу години, сме играле заедно. Го знам како човек и како карактер и сметам дека е вистинскиот избор за селектор“, нагласи директорот на националните селекции.

Пандев посочи дека новиот селектор има сериозен кредибилитет во македонскиот фудбал, како поранешен репрезентативец, така и како тренер.

„Тој дал многу за македонскиот фудбал и како играч и како тренер. Млад е, перспективен и верувам дека може да го крене нивото на нашата репрезентација“, додаде Пандев.

Директорот на крајот истакна дека пред Седлоски стои сериозен предизвик, но и голема можност.

„Пред него е голема работа и се надевам дека ќе направи голем успех со репрезентацијата“, порача тој.

Официјалното дебито на новиот селектор ќе биде во март во полуфиналниот бараж за пласман на Сп 2026 против Данска на теренот на противникот.