Омерагиќ: Го избравме Седлоски дека е фајтер – верувам дека со него ќе ја победиме Данска!
Тој ова го кажа на денешната промоција на новиот селектор Гоце Седлоски, откако прво му се заблагодари на Боби Милевски за сработеното, потенцирајќи дека промените се составен дел од фудбалот.
„Фудбалот е таков – носи радости и разочарувања. Додека траеја натпреварите имавме и подобри шанси, но резултатот во Велс беше таков и донесовме одлука за промена“, истакна Омерагиќ.
Според него, на националниот тим му е неопходна нова енергија.
„На репрезентацијата ѝ треба нова енергија, нешто ново за да го оствариме пласманот на Светското првенство. Затоа денеска го промовираме Гоце Седлоски“, додаде претседателот на ФФМ.
Омерагиќ објасни и зошто изборот паднал токму на тренерот на Вардар.
„Баравме селектор со фајтерски карактер, човек без страв. Тоа го пронајдовме кај Гоце. Веруваме дека со него можеме да ја елиминираме Данска, затоа и ги направивме промените“, порача тој.
На крајот, претседателот испрати и јасна порака за амбициите и менталитетот што се очекува.
„Кој не верува дека можеме да ја елиминираме Данска – нека не се качува во авионот“, заклучи Омерагиќ.