Помошник на Обрадовиќ прв ја откри вистината за заминувањето на Жоц од Партизан!

Поранешниот помошник во стручниот штаб на Жељко Обрадовиќ, Џозеп Марија Искјердо, во интервју за шпанските медиуми откри сериозни внатрешни проблеми во Партизан, кои, според него, биле клучни за заминувањето на трофејниот тренер.

Тој посочи дека дел од кошаркарите имале лош однос кон клубот и тренерот, но уште поважно – не разбирале каде дошле и што претставуваат Партизан и европската кошарка. Таквиот јаз меѓу стручниот штаб и играчите, според него, создал сериозни тензии во соблекувалната.

„Повеќе од тоа дали играчите беа Американци или не, проблемот беше што не знаеја што е Партизан, кој е Жељко Обрадовиќ, што се Евролигата, Европа, Србија или Белград. Без разлика на националноста, не го познаваа местото на кое се наоѓаа. Не станува збор за еден или двајца, туку за група играчи на кои не им се допаѓаше начинот на кој Жељко ја водеше екипата и тоа јасно го покажуваа“, објасни Искјердо.

Како пресвртна точка го посочи поразот од Панатинаикос во Атина, по кој Обрадовиќ поднесе оставка. И покрај советите од соработниците да ги промени играчите со кои не функционира и да продолжи со работата, искусниот тренер останал цврст на својата одлука.

„Веднаш по начинот на кој загубивме од Панатинаикос, тој ни кажа дека тука застанува и дека тоа е крај. Ни рече дека ние имаме договори и дека мора да продолжиме, дури нè замоли да останеме. Јас му одговорив дека ако си замине, тие ќе победат. Му предложив да ги отстрани играчите што не му одговараат и да продолжиме, затоа што можевме да ја извлечеме сезоната. Тој одби. Како минува времето, сè повеќе сум убеден дека тоа беше единственото решение“, додаде Искјердо.

Црно-белите се уште немаат наследник на Обрадовиќ, а екипата ја води еден од неговите помошници, Оцокољиќ.