Седлоски: Не е лесно да се биде во Вардар, видовте со каков притисок се соочуваме

Фудбалерите на Вардар по неколку години во актуелната сезона стигнаа до есенската титула, па секако дека и тренерот Гоце Седлоски ма од што да биде задоволен.

Седлоски истакна дека не им е лесно на фудбалерите бидејќи од Вардар секогаш се очекува најдоброто, сепак како што додава тоа било и мотив плус.

„Можам да кажам дека сум презадоволен од она што Вардар како тим го одигра во есенскиот дел од шампионатот. Од секој аспект. Видовте и самите со каков притисок се соочува тимот. Едноставно сите од Вардар го очекуваат најдоброто, а тоа не е лесно да се постигне. Затоа сум горд на овие момци. Што без пораз ја одработија задачата, на најдобар можен начин. Не е лесно да го носиш дресот на Вардар. Секој противник е на највисоко ниво кога игра против Вардар. Тоа се потврдува од меч во меч. Едноставно тоа е така. Навикнати сме на тоа. Така и е создавана оваа екипа. Од момци кои што очигледно можат да се носат со тој притисок. Им честитам за тоа“ – вели тренерот на Вардар, Гоце Седлоски.

Сепак, свесен е дека работата е далеку од завршена бидејќи има уште многу до крајот.

„Токму така. Не чека уште многу работа. Многу труд, многу напор за да се стигне до посакуваната цел. Ништо не е готово, напротив. На пролет не чека уште потежок пат кон она што се стремиме да го оствариме. Успесите кога е во прашање Вардар се неминовност, самите по себе се наметнуваат, а само најсилните и најхрабрите се способни да ги остварат. Затоа сум особено горд на сите оние кои во моментов се дел од овој колектив“, заврши стратегот на вардарци.