Челси сака да си ја врати големата ѕвезда од Бразил која сега има – 41 година!

Бразилскиот ветеран, Тиаго Силва, официјално најави разделба со Флуминенсе и враќање во европскиот фудбал, а како најреална опција се споменува неговиот поранешен тим – Челси.

Иако има 41 година, искусниот стопер и натаму е високо ценет, а лондонскиот клуб сериозно ја следи неговата ситуација. Желбата на Силва повторно да настапува во Премиер лигата е поврзана со неговата крајна цел – учество на СП во 2026 година во САД, Мексико и Канада. Ветеранот сака кариерата да ја заокружи со настап на Мундијал, а играњето во силна европска лига значително би ги зголемило неговите шанси за повик во репрезентацијата на Бразил.

Враќањето на „Стемфорд Бриџ“ би било логично од повеќе аспекти. Силва зад себе има богато искуство во Челси, каде што беше еден од лидерите на тимот, а дополнителен фактор е тоа што неговото семејство живее во Лондон, додека двата сина се дел од младинската школа на „сините“.

Иако Челси се издвојува како фаворит, бразилскиот стопер не е без други опции. Кристал Палас, Вест Хем и Фулам исто така покажуваат интерес, но евентуалното враќање во Челси засега се наметнува како најатрактивно и најреално сценарио.