Српски стратег од Динамо Букурешт ќе ги води македонските одбојкарки
Гавриловиќ кој е актуелен тренер на романскиот Динамо Букурешт стави потпис на договор од две години, а истиот може да биде продолжен.
„Ги следев настапите на Македонија во Европската лига и квалификациите за ЕП 2026 и мислам дека екипата има талент и потенцијал. Работата со млади играчи, односно тимови е предизвик за мене и верувам дека со добра работа и трпение, можеме да стигнеме до резултати. Сакам кога и јас како тренер растам заедно со екипата. Моите обврски стартуваат веднаш, веќе ги следам настапите на дел од играчите и имам визија во која насока треба да биде работата со екипата. Планирам да дојдам и во Македонија за со новиот стручен штаб да имаме неколку состаноци и да ги дефинираме плановите и програмата во пресрет на првата акција во мај следната година. Се радувам на новиот предизвик“, изјави новиот селектор на женската репрезентација на Македонија, Милош Гавриловиќ.
На клупата на репрезентацијата тој го наследува Стефан Пауновиќ кој си замина по четири години поминати како предводник на дамите.
Гавриловиќ од 2019-та година работи како тренер во Романија, водејќи ги женските тимови на Динамо Букурешт. За 41-годишниот стратег предизвик е да работи со млади играчи, факт кој го потврдува и со досегашната работа.
Со него во стручниот штаб пристигнува и кондициониот тренер, Стелиан Стоика со кого соработува и во Динамо, а на клупата ќе дебитира во Европската лига.