Англичаните не сакаат да бидат први во групата на СП: Тоа би била најголема грешка
„Трите лава“ за противници ги добија Панама, Гана и старите ривали Хрватска на ждрепката во петокот. Екипата на Томас Тухел патува во САД, Мексико и Канада како една од најдобрите во светот, што ги прави фаворити за освојување на титулата. Со совршена квалификациска кампања, тие станаа првата европска нација што ги доби сите осум натпревари без примен гол.
Еуфоријата во земја која чека „фудбалот да се врати дома“ 60 години е на врвот. Сепак, работите ретко одат непречено на големите натпреварувања, а завршувањето на второто место би можело да им даде неочекувана предност пред турнирот. Медиумите во Англија тврдат дека најголема грешка на репрезентацијата би било евентуалното освојување на првото место иако се освен такво сценарио би било голема сензација. Доколку ја освојат групата Л, што не би требало да биде голем проблем, ќе се соочат со Брегот на Слоновата Коска, Саудиска Арабија, Сенегал, Алжир или Узбекистан. Но, потоа, работите стануваат драстично покомплицирани. Во осминафиналето, Англичаните најверојатно ќе се соочат со домаќинот Мексико во жешката атмосфера на стадионот Ацтека.
Овој стадион во срцето на Мексико Сити не им е во добро сеќавање на англиските љубители на фудбалот бидејќи на него Диего Марадона ги уништи соништата на Англија со Аргентина во 1986 година, постигнувајќи ги озлогласените „Божја рака“ и „Голот на векот“. Стадионот Ацтека може да собере 83.264 гледачи, а нивото на бучава што е регистрирано достигнува 130 децибели, што е идентично на бучава од млазен мотор од блиску. Ако го преживеат тој предизвик, ќе се соочат со Бразил, кого Англија никогаш не го победила на големи натпреварувања, во жештината и влажноста на Мајами. За да стигнат до финалето, ќе мораат да ја победат и Аргентина во Атланта пред евентуалното финале со Франција.
Од друга страна, освојувањето на второто место би можело да му понуди на тимот на Тухел значителна климатска предност и да се потсети на нивното патување до полуфиналето во 2018 година. Во тоа сценарио, тие би се соочиле со второпласираниот тим од групата на Португалија, веројатно Колумбија, во Торонто, најстудениот од стадионите на Источниот брег. Потоа би патувале да се соочат со победникот на Евро 2024, Шпанија, но на климатизираниот стадион AT&T во Далас. Победа би донела четвртфинале, веројатно против Белгија или Шведска, повторно во затворен простор, овојпат на стадионот SoFi во Лос Анџелес.
Според оваа проекција, полуфиналето би ги чекало против Франција под покрив во Далас пред големото финале на 19 јули на стадионот MetLife во близина на Њујорк, каде што веројатно би се соочиле со Аргентина. Ваква проекција е далеку подобра отколку првобитната, но прашање е дали Англичаните би заминале за Северна Америка со однапред направен план бидејќи на тој начин ќе бидат тотално распнати од домашната фудбалска јавност.