Еуфорија во Рим: Милинковиќ-Савиќ го водеше навивањето на ултрасите на Лацио (ВИДЕО)

Екипата на Лацио синоќа го совлада Милан (1-0) и избори пласман во четврт-финалето од Купот на Италија, но вниманието не беше насочено само кон теренот.

На трибините на култниот „Олимпико“ вистински спектакл приреди поранешниот играч на клубот, Србинот Сергеј Милинковиќ-Савиќ. Фудбалерот на саудиски Ал Хилал беше присутен на стадионот со капче на главата, настојувајќи да остане незабележан. Но кога навивачите го препознаа, атмосферата експлодираше. Наместо мирно следење на натпреварот, Милинковиќ-Савиќ беше подигнат од публиката, поздравуван, фотографиран и гушкан од обожавателите на „небесно-сините“.

Кулминацијата дојде кога навивачите го одведоа до оградата, каде што поранешниот херој на „лацијалите“ започна да го предводи скандирањето и да ја води поддршката за својот екс-тим. Снимките од моментот брзо се проширија на социјалните мрежи, дополнително истакнувајќи ја силната врска што ја има со навивачката група. Лацио ја обезбеди победата со голот на Матија Закањи во 80. минута.

ФОТО: EPA PHOTO