Тренерот на Пелистер вината за поразот во Загреб ја најде во – ужасниот напад!
За македонскиот шампион ова е осми неуспех во сезоната, покрај двете остварени победи, а евентуалните бодови од дуелот со хрватскиот тим ќе беа од големо значење во борбата конечно да се мине групниот дел. Тренерот Рубен Гарабаја по средбата беше краток во објаснувањето за играта на својата екипа.
„Одигравме тежок натпревар. Добро влеговме во дуелот и можам да кажам дека во дефанзива изгледавме солидно. Но, за да победите во натпревар од Лигата на шампионите, мора да функционирате на двете страни од теренот. Против Загреб нашиот напад беше голем проблем. Тоа е сегмент на кој мора да работиме, да најдеме начини да бидеме поконцентрирани, потрпеливи и да го чуваме поседот“, истакна Гарабаја.
Пелистер моментално е седми на табелата со четири бода – два повеќе од последнопласираниот Загреб и два помалку од ГОГ, кој има натпревар помалку, како и од ПСЖ, кој вчера беше поразен од Барселона.