„Милевски не сакаше играчи со силен карактер, ми годи што ме викаат македонскиот Варди!“

Илија Несторовски, напаѓачот кој од скромни македонски терени стигна до Серија А, во разговор за српски „Моцарт спорт“ се наврати на најзначајните моменти од својата кариера – од мачните почетоци во Прилеп, преку успесите во Палермо, па сè до репрезентативната епизода и несудениот настап на Европското првенство.

Денес, на 35 години, тој го носи дресот на Славен Белупо и вели дека голгетерскиот инстинкт сè уште не го напуштил. Тој истакнува дека споредбата со Џејми Варди го опишува најдобро неговиот пат: долг, тежок и полн со препреки.

„Такви споредби значат дека сте имале тежок пат, но сте успеале. И јас, како Варди, дојдов од анонимност, играв во Чешка, во Македонија, во втората лига на Хрватска… На крај стигнав до Серија А. Тоа беше исполнување на сонот“, вели тој.

Несторовски потсетува дека бил играч од кој многумина не очекувале многу, имајќи предвид дека доаѓа од „најслабата лига во Европа“. Но токму тој човек беше тој што со гол во 89. минута ја урна Аталанта на Џан Пјеро Гасперини.

„Како грдото пајче што конечно го прифаќаат – така изгледаше мојот пат до големите лиги“, додава тој.

Еден од врвовите на неговата кариера беше пласманот на Македонија на ЕП. Несторовски асистираше за голот на Пандев против Грузија – одлучувачки момент за историскиот настап на континенталниот собир.

„Неверојатно е кога една мала земја стигнува до Европско. Единствена жал ми е што не отидов на завршниот турнир. Месец дена пред ЕП ги скинав предните вкрстени лигаменти. Останав само како морална поддршка“, потсетува Илија.

Иако зад себе има 50 натпревари за националниот тим, крајот на репрезентативната приказна не беше најславен.

„Не би го нарекол конфликт. Едноставно, Благоја Милевски не сака играчи со посилен карактер. Рече дека тактички не се вклопувам, но тоа не држи. Сакав да кажеше искрено. Секој прави избор за кој мисли дека е исправен“, вели Несторовски.

Целото интервју прочитајте го ТУКА.

ФОТО: EPA PHOTO