Препотентниот напаѓач ги изнервира навивачите: Поради мене сите знаат каде е Стразбур
Од 2023 година, тој е член на Стразбур, просечен клуб од Лига 1, каде Емега е капитен и еден од најдобрите играчи. На 11 настапи постигна седум гола во сите натпреварувања, а уште летоска потпиша договор за 40 милиони евра со Челси каде ќе се пресели догодина. Има 22 години и јасно е дека е светла иднина на холандскиот фудбал, но за да стане ѕвезда, треба прво да внимава на своето однесување. Спорната изјава со која ги изнервира навивачите и доби суспензија од еден натпревар од клубот се однесува на градот Стразбур.
„Да бидам искрен, не знаев каде се наоѓа Стразбур, Мислев дека е во Германија, е излезе дека е во Франција. Но, мислам дека по мојот трансфер, сите знаат каде е Стразбур“, низ смеа и со доза на цинизам рече Емега во едно телевизиско интервју.
Тој сигурно не знае, но Стразбур има голема политичка, историска и дипломатска тежина не само во Франција, туку и во Европа, а меѓу другото, таму се наоѓа и Европскиот парламент. Фудбалските клубови Стразбур и Челси имаат исти сопственици и вакви „трансфери“ како овој на Емега не се новост, но секако однесувањето на фудбалерот треба да биде предмет на анализа и кај едните и кај другите. Емега денеска се извини за својата изјава, но штетата и за него и за клубот остана.