Министерот Ристовски оствари средба со светската шампионка во боди билдинг, Катерина Попева
На средбата присуствуваше и секретарот на Бодибилдинг и фитнес федерацијата на Македонија, Јовче Василевски.
Попева зад себе има исклучително успешна сезона, крунисана со титула светска шампионка во парови на СП и вицешампионка на Светскиот куп во категоријата сениори.
Министерот Ристовски упати честитки и поддршка за македонските спортски репрезенти на најсилните светски натпреварувања истакнувајќи го значењето на ваквите успеси на македонскиот спорт.
„Овие успеси и освоените светски титули се доказ дека трудот, дисциплината и посветеноста секогаш даваат резултат. Спортистите се нашите најголеми амбасадори во светот, тоа е многупати докажано и тоа треба да се почитува. Министерството за спорт ќе продолжи да дава поддршка за сите спортисти кои постигнуваат врвни резултати и достоинствено ја претставуваат Македонија на меѓународната спортска сцена“, изјави министерот Ристовски.
Министерството за спорт и понатаму останува посветено на политиките за унапредување на условите за тренинг и развој на врвните спортисти во сите спортски дисциплини.