Барса останува перфектна на Камп Ноу - падна и Атлетико (ВИДЕО)
Со тоа, каталонскиот тим останува перфектен откако се врати на Камп Ноу бидејќи славеше и во третиот меч на овој стадион, по победите против Атлетик Билбао и Алавес. Денешниот триумф е скапо платен бидејќи се повредија Олмо и Педри и во текот на утрешниот ден ќе се знае каква е нивната состојба.
Барселона беше убедливо подобар противник вечерва, но Атлетико и во 15. натпревар оваа сезона го отвори резултатот откако по неуспешната офсајд стапица, Баена го совлада Гарсија. Рафиња само седум минути подоцна израмни, а Барса можеше со предност да замине на голем одмор ако Левандовски го искористеше пеналот во 36. минута.
Полјакот вторпат сезонава беше непрецизен од белата точка, но тоа што го пропушти тој, во вториот дел го поправија Олмо и Феран Торес. Олмо во 65. минута со максимално прецизен удар ја донесе Барса во водство, но притоа лошо падна и го повреди рамото поради што мораше да излезе од игра. Во исто време беше повлечен и Левандовски, десетина минути подоцна се повреди Педри, па во финишот Барса беше без нив, како и без Јамал и Рафиња кои Флик ги замени. Атлетико го искористи тоа за да изврши притисок, но не постигна гол, а казната за тоа дојде во 96. минута кога Феран Торес го постави конечниот резултат.
За Барса ова беше петта победа во низа и сега има 37 бода, четири повеќе од Реал кој утре му гостува на Атлетик Билбао.