Македонија нема долго да остане без селектор!

Фудбалската федерација на Македонија денеска потврди дека договорот на селекторот Благоја Милевски нема да биде продолжен, а најавија и до кога најдоцна ќе биде именуван неговиот наследник.

Одлуката за разделба со Милевски била донесена на денешната седница на Управниот одбор додека новиот селектор ќе биде именуван најдоцна до 25 декември.

„Управниот одбор на ФФМ најдоцна до 25. декември 2025 година ќе донесе одлука за назначување на нов предводник на А репрезентацијата на Македонија“, потврдуваат од федерацијата.

Исто така од ФФМ потенцираат дека очекуваат од новиот селектор да донесе нова енергија и нови мотиви пред предизвиците кои ја очекуваат репрезентацијата.

„Управниот одбор на ФФМ смета дека на македонската А репрезентација ѝ е потребна нова енергија и поинаков мотив за претстојните предизвици што ја очекуваат нашата национална селекција. Веруваме дека со нов стручeн тим ќе се внесе „нов ветер“ во работата на тимот, кој ќе овозможи уште поголема конкурентност и амбиција во натпреварите на Македонија“.