Новиот Американец среќен што добил наш пасош: Едвај чекам да заиграм за Македонија!
Тој им се приклучи на жолто-црвените веднаш по настапот во Евролигата, по убедливата победа на неговиот тим над Баерн Минхен.
„Одлично сум пречекан. На тренинзите веќе ја научив филозофијата на тренерот и со нетрпение го очекувам вечерашниот меч со Азербејџан (19 часот). Возбуден сум и подготвен за предизвикот“, изјави Мур, кој вечерва за првпат ќе го облече дресот со македонските национални бои.
Дебитантот посочува дека првиот настап секогаш носи доза непредвидливост, но и мотив повеќе.
„Ова е ново искуство за мене, но верувам дека ќе оди по планот. Се надевам на добар натпревар и поддршка од публиката. Навистина сум среќен што станав Македонец и ги повикувам навивачите да дојдат во салата“, дополни Мур пред вечерашниот меч во СРЦ „Кале“.
Покрај него, селекторот Илиевски повторно ќе може да смета на искусните Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски, како и на Андреј Јакимовски, кој летово од колеџ кошарката се пресели во италијанскиот професионален систем и настапува во Еврокупот. Во нашата претквалификациска група е уште и Луксембург.